Friday, May 27, 2011

Писмо од бездомникот



Да имаш сè, и наеднаш сè да изгубиш. Да имаш дом, и тој да се претвори во имагинарен сон. Да имаш љубов, и таа да се претвори во омраза. Бидејќи никогаш не е било твое, твое огниште, твое нешто...Постојано да се местиш, да знаеш дека си скитник, а да се чувствуваш како истражувач на пространства. .. Како твоја мисија е да бидеш постојан патник низ времето и пространството. Не припаѓаш никаде, а другите немат кого да изгубат. Можеби е подобро другите да не тагуваат по тебе.  Се што носиш со себе е еден искинат ранец, од кој секојдневно паѓаат твоите соништа. Многу песимистично кажано, но постои ли љубов без болка, или болка без љубов? Постоиш ли ти без твоето бескрајно талкање по смислата на твоето постоење, без вечната потрага на своето вистинско место, вистинска љубов, вистински пријатели, вистинска среќа, вистинска страст за живот...

Повторно ќе одам да градам подалеку од мојата земја, од моето детство, од моите спомени...Се подалеку, но до каде ќе стигнам не се знае. Дали ќе биде вечно, повторно не знам. Прашањата како да се крунисани над мојот живот. Сонувам за денот кога ќе биде свалена таа круна на неизвесното...И повторно да се вратам...во мојот дом, да стапнам на мојата земја, да седнам во дворот зад куќата и повторно да јадам лубеница на летна ладовина...

Многу точки изнаредив драг пријателе, многу празнини ти оставив и не знам дали ќе ме разбереш. Ќе ти ги раскажам во следна прилика. Засега ќе се занимавам со административниот процес,  знаеш ти колку ми е одбивен, си  го намразил и ти неколкупати. Листови со студено зглобени реченици, кои ти го управуваат животот. А понекогаш ти приредуваат трагедија, жанр кој и двајцата избегнуваме да го гледаме, но мораме да останеме пред екранот бидејќи по некоја случајност или причина сме поставени во еден од редовите на кино салата.

Ти пишувам на сред пустина пријателе, но песоктта е мека и златно кафеава, има мирис на море, на летни бранови, на оној ден кога јадев лубеница во дворот... Сончевите зраци допреа на моето рамо. Се свртив назад. Omnia mea mecum porto!Можеби сепак домот со себе си го носам!


Со Љубов,
(Без)Домникот

No comments:

Post a Comment