Friday, May 27, 2011

Писмо од бездомникот



Да имаш сè, и наеднаш сè да изгубиш. Да имаш дом, и тој да се претвори во имагинарен сон. Да имаш љубов, и таа да се претвори во омраза. Бидејќи никогаш не е било твое, твое огниште, твое нешто...Постојано да се местиш, да знаеш дека си скитник, а да се чувствуваш како истражувач на пространства. .. Како твоја мисија е да бидеш постојан патник низ времето и пространството. Не припаѓаш никаде, а другите немат кого да изгубат. Можеби е подобро другите да не тагуваат по тебе.  Се што носиш со себе е еден искинат ранец, од кој секојдневно паѓаат твоите соништа. Многу песимистично кажано, но постои ли љубов без болка, или болка без љубов? Постоиш ли ти без твоето бескрајно талкање по смислата на твоето постоење, без вечната потрага на своето вистинско место, вистинска љубов, вистински пријатели, вистинска среќа, вистинска страст за живот...

Повторно ќе одам да градам подалеку од мојата земја, од моето детство, од моите спомени...Се подалеку, но до каде ќе стигнам не се знае. Дали ќе биде вечно, повторно не знам. Прашањата како да се крунисани над мојот живот. Сонувам за денот кога ќе биде свалена таа круна на неизвесното...И повторно да се вратам...во мојот дом, да стапнам на мојата земја, да седнам во дворот зад куќата и повторно да јадам лубеница на летна ладовина...

Многу точки изнаредив драг пријателе, многу празнини ти оставив и не знам дали ќе ме разбереш. Ќе ти ги раскажам во следна прилика. Засега ќе се занимавам со административниот процес,  знаеш ти колку ми е одбивен, си  го намразил и ти неколкупати. Листови со студено зглобени реченици, кои ти го управуваат животот. А понекогаш ти приредуваат трагедија, жанр кој и двајцата избегнуваме да го гледаме, но мораме да останеме пред екранот бидејќи по некоја случајност или причина сме поставени во еден од редовите на кино салата.

Ти пишувам на сред пустина пријателе, но песоктта е мека и златно кафеава, има мирис на море, на летни бранови, на оној ден кога јадев лубеница во дворот... Сончевите зраци допреа на моето рамо. Се свртив назад. Omnia mea mecum porto!Можеби сепак домот со себе си го носам!


Со Љубов,
(Без)Домникот

Saturday, May 14, 2011

Илузија


Беше топол летен ден. Цвеќињата беа расцутени, и нивната арома долетуваше полека до Сенди. Се движеше брзо, но во мислите го запираше времето, како да сакаше да ја вдише секоја  мелодија која природата доброволно ја подаруваше. Асфалтот низ тесната улица по која што се движеше беше жежок и тоа дополнително го забрзуваше ритамот на веќе растрепереното срце. Полека капки пот се појавија на лицето на Сенди, и мораше да седне на една од клупите, за да земе воздух. По неколку вдишувања и издишувања,  продолжи да чекори кон местото на средба. Имаше средба со луѓе кои допрва ќе ги запознаеше. А првите средби секогаш започнуваат со неверојатни немири, со она неизлечиво чувство дека тој прв впечаток ќе ти ја дефинира судбината.  Набрзо се најде во Арт кафето и седна на слободното место до прозорецот. На секое отварање на вратата рефлексивно го подигаше погледот и брзо си ја местеше јаката на кошулата. Погледна во часовникот. Вратата се отвори. Сембри и Тори влегоа во кафенето , каде Сенди веќе ги чекаше. Погледнаа наоколу со надеж да се препознаат помеѓу наоколу наседнатите луѓе. Љубопитните погледи секундарно им се судрија и тие се придвижија кон Сенди. Со насмевка се поздравија и разговорот започна. Сембри и Тори беа сопственици  на Арт-галерија во Париз, каде Сенди сакаше да ги представи своите слики. Сенди беше со срамежлива натура, и овојпат повторно влезе во борба со своите слабости , со она брзо зборување кога сакаш се да кажеш и ти се заплеткува јазикот и остануваш со впечатокот дека говориш безмислици, кимнуваш со главата на одобрување, иако во мислите си велиш: What the hell?, но не смееш да го кажеш за да не излезеш крајно безобразен. Тоа не беше Сенди. Вистинското лице на Сенди пројавуваше најголема сила на изразување во сликите кои ги работеше, само четката повлечена по платното ја раскриваше вистинската страсна природа која се криеше зад слабостта во притаената комуникација со околината.  
Со списанието в раце седев  грб со грб со Сенди. Пиејќи го кафето, намерно или ненамерно го наслушнав разговорот.  Станав крајно љубопитна, нешто се случуваше на таа маса, помеѓу овие луѓе и јас добив бескрајна желба да ги раскријам. Сембри имаше наклонетост кон Сенди, тонот на неговиот глас ја имаше бојата на почеток на емоционално поврзување, и беше воодушевен од експресијата во сликите. Тори од друга страна беше од оние луѓе кои постојано мрмкаат и секогаш се стремат самоуверено да се издигнуваат над толпата, кои имат секогаш што да кажат и  ја сметаат човечката природа за грешна и на која и е потребна постојано реновирање. Тој сметаше дека композицијата на сликите има хаотичност и не е доволно јасна, а тоновите  имаат преголема светлина. Всуштност тој не беше доволно емоционален за да ја разбере перфектността во човечкото грешење, во недоискажаното и премолченото.
Драги пријатели, Сенди не е ниту маж, ниту жена, тоа е човекот- НИЕ. Ние , неуморните талкачи по бескрајна наклонетост од окoлината, заробени во играта со првите впечатоци, во оценките кои другите ни ги даваат нам. На цената да бидеме различни од самите нас. Во постојано бегство од својата суштност, од нашата грешна природа. Каква е оценката која си ја даваме ние за нас самите? Или е таа повторно основана на мислењето на другите. Секогаш ќе постојат луѓе на кои ќе бидеме драги или помалку драги, некои кои ќе не сметаат за убави, помалку убави, паметни или помалку паметни. Но, се додека работите на слика во која туѓи прсти се замешале, ризикувате да добиете само чкртаници по платното.
Бидејќи совршеността  на едно дело е во невозможността   докрај да биде предадена неговата вистинска творечка моќ. А таа емоција ја поседувате вистински само вие.