Thursday, December 30, 2010

Дедо Мраз доаѓа и кај нас!

Случувањата во изминативе денови  ја поставија под сомнежи демократијата во Македонија. Тоа што ни беше представено пред малите екрани многу наликуваше на некоја пародија или следна епизода од Долината на волците. Навистина е тешко човек да остане индиферентен кон оваа ситуација, бидејќи намерно или ненамерно сите не заплеткаа во нечија пајакова мрежа. Нам ни е поставен тројански коњ, но се надевам дека навреме ќе успееме да го препознаеме. Пред еден месец се зборуваше за опсада, сега за притвор, а за третиот муабет сеуште неизвесен за пошироката јавност сме во будно исчекување. Ова доби толку голема популарност не поради започната акција против организиран криминал или поради личностите кои  беа поставени под сомнежи за извршените криминални дела, а поради начинот на кој некои од овие личности ја представија својата невиност от една страна, а пак од друга страна некои си дозволија да ја искористат својата висока должност за уредување на заплашителни спектакли под формата на масови апсења со црни џипови. Сега можеме да предлагаме различни претпоставки за идното развитие на настаните, но со сигурност ќе има победник и поразен во оваа недемократска битка во демократска држава.
Во четвртокот минатата недела околу 23 часот беше приведен собственикот на А1 телевизија, и како што можев да видам од тоа што беше прикажано на телевизијата , апсењето беше извршано во просториите на А1 телевизија, од страна на полицајци со црни маски на лицето, кои откако му ги поставија лисиците беше ставен во еден од црните џипови. Не би сакала да зборувам за вина или невиност затоа што немам достап до докази кои би ми дале одговор на ова прашање. Но судејќи по она што можев да го дофатам од медиумите не беше само ова неразрешано прашање, имаше, и сеуште има многу нејаснотии кои се кријат зад ова борба против организираниот криминал. Зошто ова се случи точно сега и на таков начин? Сведоци сме дека не е ова првата борба покрената против организираниот криминал, поранешниот претседател Киро Глигоров се зафати со истите мерки, но како што знаете завршија со атентат. Денес повторно започна таа борба, ќе се прави чистка но за период од 2005-2010 година. Се прашувам како некои реагирале на оваа временска рамка. Некои сигурно со пцуење, а некои со олекнување: Слава Богу, ми падна камен од срце! Одлуката да се прочита само последната страница од криминалната книга е малку или повеќе израз на неправедна правда. На ваков начин не може да биде отстранен проблемот, а само да ќе имаме привидно разрешавање на конфликтот кој ќе биде одолжен во времето.
Спектакуларност - селективна правда – тоталитаризам - организиран криминал - власт и опозиција – нарушена презумпција на невиност - не знам веќе колкупати ги изнаслушавме овие тешки зборови. Се води борба, а на повеќето им е сеуште нејасно каква борба тие всуштност водат. Апсењето кое се претвори во диктатура на властта, создаде впечаток за борба меѓу власт и опозиција, а не за средство на својата цел. Се согласувам дека треба да се води борба против организиран криминал, но таа борба треба да биде јасна, објективна и неподлежна на провладино влијание. А среде целиот овој хаос, некој како да сакаше народот да биде збунет и успеа во тоа.  Медиумите кои се силата на демократијата  се покажаа соучесници во создавањето на субјективна и неконцизна информација. Ова е психолошка војна, ни се прават операции на мозоците и не знам што ќе се случи кога ќе се разбудиме, а што за некој ќе биде полошо, ако тоа будење се случи среде операција. Кога политичарот го добива наименувањето лажго како компарација за должността која ја зазема, тоа значи дека ја изгубил довербата на народот. А сегашните натпревари за превласт во обвинувањата само го потврдуваат неадекватниот и некомпетентен одговор на поставената задача. Пред медумите повторно ни излегоа претенденти за подобро управување. Но, да се зафатиш да ја лекуваш раната на еден ранет човек е најтешката задача која може да ти биде предоставена и да успееш несреќата на граѓаните да ја преточиш во среќа не е само акт на празно ветување. Овде се работи за човек кој носи врз себе тешко бреме, ова е човек кој си легнува навечер со мислата како ќе ги прехрани своите деца, и се буди препотен со својата безнадежна судбина. Така додека креваме раце и со  насмевки подмустаќи се смешкаме нека прво се подзамислиме за сериозността на нашата должност и ветување. Тоа го зборувам од аспект на најмалата, а сепак најголема единица од структурата на нашето општество - човекот. Сите погледнаа на овие случувања само така како што им беше сервирано, и погледнаа на бунтот од народот како реакција на нечие апсење. И затоа ги оставија настрана, со сигурност дека во безизлез ќе се повлечат. А тоа беше всуштност натрупано незадоволство во времето. Можеби и ќе се повлечат, но како што веќе споменав тоа ќе биде од чувството на безизлез. И повторно вниманието ќе биде отргнато кон нов проблем со цел да се однесе во заборав сегашната тензија во јавното мислење. Повторно ќе се направи обид за збунетост, а незадоволството ќе расте.  
Меѓутоа, понекогаш ние избираме да и бидеме роб на судбината, а цената на овој избор е превисока, студена е како оваа зима. А од тоа многу повеќе губиме, отколку што добиваме. Навистина треба да се подзамислиме дали вреди и понатаму да се правиме глупави со надеж дека партиските  книшки се билетот за остварување на нашите новогодишни мечти. Бидејќи како што гледате во еуфоријата и на оваа Нова Година ни се појавија многу Дедомразовци и подароци во блескави хартии и панделки. Одлично спакувани, но со празна содржина.
Само во моментот кога патот до нашите мечти ќе биде ослободен од предуслови, ќе бидеме сигурни дека Дедо Mраз конечно дојде и кај нас!

Wednesday, December 8, 2010

'Step Up 3D' Trailer HD

People dance, because dance can change things. One move can bring people together. One move can make you believe like you are something more. One move can set a whole generation free!


Tuesday, December 7, 2010

Гордост и предрасуди


Веќе подолго време гледам како се одигрува истата драма, но завесата никако да биде спуштена. А ваквата репетиција веќе започнува да се врти како монотон монолог, во кој формите на дијалог се само евтина маска пред изманипулираната публика. Во следниве сеуште неиспишани редови немам за цел да раскривам историски вистини, затоа што почувствував дека би било апсурдно барањето камења. Вакви вистини или невистини може да пронајдете во Интернет мрежата веднаш штом ги испишате имињата и на двете држави, но за создавање на цврсти добрососедки односи, малкумина изјавиле интерес да зборуваат. Овде можеби ќе наидам на критика oд некои историчари или приврзаници на историја дека не смеам да ја заобиколувам историјата, затоа што таа е фундаменот на секоја нација. Да, ќе се согласам, но таа историја би требало да ја има и својата сегашност и иднина, но примерите противоречуваат на оваа констатација.  Денешното т.н. „демократско општество” во кое секојдневно потенцираме дека припаѓаме е само умствена заблуда во општественото слепило. Во потрагата по апсолутната вистина којашто е тешко да се докаже дека постои, ние си присвоивме правото и без да сакаме да станеме бесмртни во минатото. Некој би ја поврзал бесмртността со нешто убаво и возвишено, но тоа би било возможно само во ситуација кога  и другите околу нас би живееле во истото време. Затоа додека претендиравме за влез во европски структури другите не нарекоа  „нецивилизирани народи” и тоа со право. Не можам да го разберам фактот од каде толку голема смелост да зборуваме за минатото со историски факти, и притоа аргументирајќи ги со голема увереност во ситуација на два спротивставени ставови. Од ова произлегува дека жестокиот и злобен тон е полесна практика од добронамерниот јазик. И одеднаш сите станавме политичари, историчари и критичари, и покрај тоа што тоа е надвор од доменот на нашата компетентност, коешто направи дополнителна каша во меѓусоседските односи. Одеднаш сите покажавме интерес да се присвоиме кон она што се нарекува „политичко животно”, и започнавме да се идентифицираме со дрскоста во нашите искажувања во името на  т.н. „свет национализам”. Ни виделе, ни разбрале, ние си ја присвоивме сентенцијата: Бугарија ја мрази Македонија! и Македонија ја мрази Бугарија! И погледнато од овој аспект  сегашната ситуација помеѓу двете држави многу ми наликува на старата поговорка за односите помеѓу двата соседа, изразена во следната максима: Да му умре на комшијата козата!. Ако оваа сентенција навистина ја отсликува денешната ситуација, тогаш би требало да бидеме позагрижени за нејзиното значење, отколку за историското значење на некои настани од минатото.
Како македонски студент веќе четвртта година на факултетот за Меѓународни односи во Софија имав можност да се запознаам со ставовите и на двете страни. И да кажам веднаш, тие многу не се разликуваат. Кога дојдов за прв пат во Софија, една од мислите ми беше дека Бугарите не не сакаат многу нам Македонците! Но со тек на време моите размислувања се покажаа погрешни затоа што сретнав Бугари, мои колеги и други познати коишто денес ми станаа пријатели, а некои од нив и најдобри другари. Се додека не дојдоа во Македонија, и тие го имаа истото мислење - Mакедонците не не сакаат многу нам Бугарите. Оваа стереотипизација на јавното мислење долго време потхранувана во името на национални интереси претставува погрешна практика во денешната меѓудржавна политика, којашто прерасна во фундамент и на  меѓучовечките односи. Еден од основните принципи на демократијата - правото на глас денес се покажа како најзлоупотребуваниот поим во денешните т.н. демократски општества.Со помош на интернет мрежата во услови на денешната глобализација ние можеме седејќи си дома со кафенце или чајче во рака пред компјутер да го прошетаме светот и да си создадеме мислење за она што се случува надвор, коешто може да се покаже сосема погрешно. Но тоа се само стереотипи кои ги градиме за сметка на тоа што го велат другите за нас, а не тоа што ние како собствен став сме го изградиле во интеракција со тие луѓе. Релевантен пример  е неговатата употреба во исказите на различните средства за масова комуникација, коишто си дозволија на ваков начин да ги спроведуваат своите националистички идеи. Замислете си со денешната развиена техника да се користеле различните војводи и империјалисти низ времето! Доколку правото на глас е демократски принцип, тогаш тој не треба да си противоречи и со другите принципи на демократијата, коишто не повикуваат на мир и толеранција, на ваимно разбирање и почитување. Според демократијата суверен треба да биде народот, но ние ја избравме нацијата со нејзината националистична кауза. Затоа денес можеби немаме финанси за реформи во образованието, за земјоделието, или за инвестирање во нови проекти, но си имаме споменици на Гоце, Груев, Климент и Наум,си поставивме и лавови да не пазат а еве кај и да е ќе ни пристигне и Александар па ќе можеме да се сликаме за во фејсбук, но останува отворено прашањето дали џебовите ќе ни дозволат да си купиме фотоапарати, или ќе бидеме принудени да ги посетуваме само со питачки стап. Навистина треба прво да се подзамислиме кога ги селектираме нашите приоритети. Во овој случај ние избиравме помеѓу пријателство и непријателство, но го избравме она второто. Но дали ние го избравме и тоа е спорно.
Но повторно да се навратам на максимата којашто ја споменав погоре: Да му умре на комшијата козата! Интерпретирана на поинаков начин оваа сентенција означува како на соседот на којшто треба да гледаме како на пријател, ние му посакуваме само лошо да му се случи. И колку лошо толку подобро. Со насмевка и со сарказам ние го тешиме во проблемите, а потсвесно се надеваме на негово географско испарување. Малцинствените проблеми со кои денес се соочуваат и двете држави ја отсликува оваа реалност. Во огледалото на сите овие реалности, навистина треба да ја преиспитаме нашата свест, и да се запрашаме дали навистина ова е долгот кој и го должиме на нашата држава. Затоа што на овој начин ќе достигнеме не само бедност како што повеќето од нас ја знаеме, а и бедност во духот и човечността.
За среќа  има и луѓе коишто ја гледаат реалната слика на денешната политика што си ја присвоивме при градење на меѓучовечките односи, и се зад сите тие национални комлекси на чистата крв , коишто се латентна основа за посериозни конфликти. За среќа има и Македонци и Бугари или Бугари и Македонци коишто се борат за просперитет во едно цивилизирано општество. За среќа се уште двете држави играат на иста сцена, што значи дека надежтта драмата да заврши со Happy ending е сеуште жива.