Разговор со Коко
Сигурно веќе се чудите – РАЗГОВОР СО КОКО? Што ли за наслов ќе е ова? Некоја ментална измислица на некој кој халуцинира или поседување на натприродни сили на човек близок до самиот Бог. А не, далеку од тоа. Ни едното, ни другото. Сега веќе ги подигате веѓите нагоре и си велите ама ајде не извртувај прејди на главното и кажи веќе. Добро, ќе ви кажам. Ја видов. Даа, ја видов , Коко, Габриел или Коко Шанел. Седната, со црн фустан од жоржет кој со нежност го гали столчето, изчистена, елегантна визија, помеѓу устните елегантно седната цигара, а на главата има шешир, симплифициран, самоуверен, смел, со еден елемент кој ја разбива монотонијата и му дава живот. Ја гледав, ја гледав и и велам: “Мademoiselle вие ли сте , вистина ли е ова што се разигрува пред моите очи, жива ли сте на оваа сцена?” А таа само ми рече: “Fashion fades, only style remains the same!” и така изговорувајќи ги последните гласовни звуци се завлече низ просторот една мисла, колку реална, толку и нереална, човечка или мистична, нешто помеѓу сите оние разиграни актери каде и материјата придоби своја душа, каде колку облечени, толку разголени се придвижуваа силуети. Коко изчезна, а како да не замина никогаш, низ замаглениот воздух од лаковите за коси се појавија уште многу други нејзини одрази. Си ја претресав главата, очите си ги затворив и пак ги отворив. Но, таму беше,на местото каде што ја најдов . Насекаде.
Што сакам да ви кажам? Сигурно оваа моја приказна ви се стори нереална, недејствителна и плод на бесконечна фантазија. А всуштност таа е самата вистина. Пред една недела бев на семинар за мода каде беа претставени најновите модни тенденции. Сцената изобилуваше со креативност и артистичност. А целата оваа мешавина од различни идеи ми го исполнуваше срцето. Но таму каде всушност ми застана мислата беа точно елегантните визии со белегот на Шанел. И си помислив колку пати ви се случило да треба да излезете некаде, и вие со скрстени раце и намуртен поглед ќе се фрлите на креветот со реченицата: Оф, немам што да облечам. Целата оваа комерцијализација на модниот свет не натера да се изгубиме и да заборавиме на она суштинското и важното,она кое е наш белег,кое Коко Шанел постојано го издигнуваше во култ - СТИЛ. На мода биле штикли со платформа, па ајде и ти сакаш такви. Ги носеле сите, а ти како демек си најсиромашниот во друштвото и нема да си ги купиш. Не доаѓа во предвид, мора да ги имаш. Не наоѓаш во нив никаква елеганција, а и толку се високи и неудобни, но ќе одиш, немаш избор. Ќе лечиш рани после со фластери, ама нели си шик.Овде веднаш ќе подзастанам и ќе го пуштам гласот на Коко:
“Elegance does not consist in putting on a new dress. “
“Fashion fades, only style remains the same.”
И така драги пријатели, нема што повеќе да дрдорам, Мademoiselle си кажа се. Бидете свои, вие создавајте мода , и не дозволувајте таа да ве создаде вас.
Во тишина ви се поклонувам: Mersi, Мademoiselle Gabrielle Bonheur Chanel!

