Веќе подолго време гледам како се одигрува истата драма, но завесата никако да биде спуштена. А ваквата репетиција веќе започнува да се врти како монотон монолог, во кој формите на дијалог се само евтина маска пред изманипулираната публика. Во следниве сеуште неиспишани редови немам за цел да раскривам историски вистини, затоа што почувствував дека би било апсурдно барањето камења. Вакви вистини или невистини може да пронајдете во Интернет мрежата веднаш штом ги испишате имињата и на двете држави, но за создавање на цврсти добрососедки односи, малкумина изјавиле интерес да зборуваат. Овде можеби ќе наидам на критика oд некои историчари или приврзаници на историја дека не смеам да ја заобиколувам историјата, затоа што таа е фундаменот на секоја нација. Да, ќе се согласам, но таа историја би требало да ја има и својата сегашност и иднина, но примерите противоречуваат на оваа констатација. Денешното т.н. „демократско општество” во кое секојдневно потенцираме дека припаѓаме е само умствена заблуда во општественото слепило. Во потрагата по апсолутната вистина којашто е тешко да се докаже дека постои, ние си присвоивме правото и без да сакаме да станеме бесмртни во минатото. Некој би ја поврзал бесмртността со нешто убаво и возвишено, но тоа би било возможно само во ситуација кога и другите околу нас би живееле во истото време. Затоа додека претендиравме за влез во европски структури другите не нарекоа „нецивилизирани народи” и тоа со право. Не можам да го разберам фактот од каде толку голема смелост да зборуваме за минатото со историски факти, и притоа аргументирајќи ги со голема увереност во ситуација на два спротивставени ставови. Од ова произлегува дека жестокиот и злобен тон е полесна практика од добронамерниот јазик. И одеднаш сите станавме политичари, историчари и критичари, и покрај тоа што тоа е надвор од доменот на нашата компетентност, коешто направи дополнителна каша во меѓусоседските односи. Одеднаш сите покажавме интерес да се присвоиме кон она што се нарекува „политичко животно”, и започнавме да се идентифицираме со дрскоста во нашите искажувања во името на т.н. „свет национализам”. Ни виделе, ни разбрале, ние си ја присвоивме сентенцијата: Бугарија ја мрази Македонија! и Македонија ја мрази Бугарија! И погледнато од овој аспект сегашната ситуација помеѓу двете држави многу ми наликува на старата поговорка за односите помеѓу двата соседа, изразена во следната максима: Да му умре на комшијата козата!. Ако оваа сентенција навистина ја отсликува денешната ситуација, тогаш би требало да бидеме позагрижени за нејзиното значење, отколку за историското значење на некои настани од минатото.
Како македонски студент веќе четвртта година на факултетот за Меѓународни односи во Софија имав можност да се запознаам со ставовите и на двете страни. И да кажам веднаш, тие многу не се разликуваат. Кога дојдов за прв пат во Софија, една од мислите ми беше дека Бугарите не не сакаат многу нам Македонците! Но со тек на време моите размислувања се покажаа погрешни затоа што сретнав Бугари, мои колеги и други познати коишто денес ми станаа пријатели, а некои од нив и најдобри другари. Се додека не дојдоа во Македонија, и тие го имаа истото мислење - Mакедонците не не сакаат многу нам Бугарите. Оваа стереотипизација на јавното мислење долго време потхранувана во името на национални интереси претставува погрешна практика во денешната меѓудржавна политика, којашто прерасна во фундамент и на меѓучовечките односи. Еден од основните принципи на демократијата - правото на глас денес се покажа како најзлоупотребуваниот поим во денешните т.н. демократски општества.Со помош на интернет мрежата во услови на денешната глобализација ние можеме седејќи си дома со кафенце или чајче во рака пред компјутер да го прошетаме светот и да си создадеме мислење за она што се случува надвор, коешто може да се покаже сосема погрешно. Но тоа се само стереотипи кои ги градиме за сметка на тоа што го велат другите за нас, а не тоа што ние како собствен став сме го изградиле во интеракција со тие луѓе. Релевантен пример е неговатата употреба во исказите на различните средства за масова комуникација, коишто си дозволија на ваков начин да ги спроведуваат своите националистички идеи. Замислете си со денешната развиена техника да се користеле различните војводи и империјалисти низ времето! Доколку правото на глас е демократски принцип, тогаш тој не треба да си противоречи и со другите принципи на демократијата, коишто не повикуваат на мир и толеранција, на ваимно разбирање и почитување. Според демократијата суверен треба да биде народот, но ние ја избравме нацијата со нејзината националистична кауза. Затоа денес можеби немаме финанси за реформи во образованието, за земјоделието, или за инвестирање во нови проекти, но си имаме споменици на Гоце, Груев, Климент и Наум,си поставивме и лавови да не пазат а еве кај и да е ќе ни пристигне и Александар па ќе можеме да се сликаме за во фејсбук, но останува отворено прашањето дали џебовите ќе ни дозволат да си купиме фотоапарати, или ќе бидеме принудени да ги посетуваме само со питачки стап. Навистина треба прво да се подзамислиме кога ги селектираме нашите приоритети. Во овој случај ние избиравме помеѓу пријателство и непријателство, но го избравме она второто. Но дали ние го избравме и тоа е спорно.
Но повторно да се навратам на максимата којашто ја споменав погоре: Да му умре на комшијата козата! Интерпретирана на поинаков начин оваа сентенција означува како на соседот на којшто треба да гледаме како на пријател, ние му посакуваме само лошо да му се случи. И колку лошо толку подобро. Со насмевка и со сарказам ние го тешиме во проблемите, а потсвесно се надеваме на негово географско испарување. Малцинствените проблеми со кои денес се соочуваат и двете држави ја отсликува оваа реалност. Во огледалото на сите овие реалности, навистина треба да ја преиспитаме нашата свест, и да се запрашаме дали навистина ова е долгот кој и го должиме на нашата држава. Затоа што на овој начин ќе достигнеме не само бедност како што повеќето од нас ја знаеме, а и бедност во духот и човечността.
За среќа има и луѓе коишто ја гледаат реалната слика на денешната политика што си ја присвоивме при градење на меѓучовечките односи, и се зад сите тие национални комлекси на чистата крв , коишто се латентна основа за посериозни конфликти. За среќа има и Македонци и Бугари или Бугари и Македонци коишто се борат за просперитет во едно цивилизирано општество. За среќа се уште двете држави играат на иста сцена, што значи дека надежтта драмата да заврши со Happy ending е сеуште жива.
No comments:
Post a Comment