Wednesday, March 9, 2011

ПАТИШТАТА НА ЖЕЛБАТА

Секогаш го сакаме она кое го немаме,
се полниме со јад и очај да го добиеме,
во нестрпливо исчекување
бараме пеперутки да ни разиграат во стомакот,
како минатиот пат кога победата беше наша.
Откопуваме нови кофчези,стари пронајдоци,
од нашите предци кога и нашето било нивно.
Отседлуваш еден коњ,па два,па три,
на секој му ставаш узда на вратот
и потковици на нозете
да те понесат кон среќата,
се додека не сфатиш дека пловиш во брод
и се движиш низ брзи води
кои неочекувано станале твој дом.

Во ноќите кога и штурците го зборуваа својот јазик
сфатив дека и тие не се разбираат,
како што и ние не знаеме што навистина сакаме,
скалило по скалило во забуна
се обидуваме да откриеме што навистина се случува.
Цвеќињата во вазата ја доживеале својата кратка судбина
можеби сами овенеле,или биле принудени,
но веќе одминале,станале минато,
кое сега делува и врз тебе.
Да,и едноставното веќе не е едноставно,
се се менува,а потоа станува изминато дејство
по кратко вознесување во облаците
се додека не паднеш наземја
и сфатиш дека и желбата станала твое минато.


(2004 год.)

No comments:

Post a Comment